Барселона го отвори Ла лига шампионатот 2021/22 со 4:2 победа над Реал Сосиедад на „Ноу Камп“ во првиот меч по заминувањето на легендарниот Лионел Меси во тимот, покажувајќи дека и без него животот продолжува, а каталонскиот клуб ќе биде меѓу кандидатите за шпанската титула.
Иако на трибините полупразниот „Ноу Камп“ во 10. минута се слушаа извици по Лео Меси, покажувајќи дека не го заборавиле Аргентинецот кој даде многу за клубот (но и клубот за него), веќе во 19. минута аплаузи заслужи Жерард Пике, фудбалерот кој се откажа од дел од платата за Барса да може да ги регистрира новите засилувања, откако по асистенцијата на Мемфис Депај го отвори резултатот и го бакна грбот на клубот.
Мартин Брејтвајт, данскиот напаѓач кој беше многу критикуван во 45. минута го удвои водството, а откако Сосиедад се заканија неколку пати на почетокот на второто полувреме, тој даде уште еден гол во 59. минута.
Баскискиот клуб покажа дека не пристигнал во Каталонија да игра подредена улога, откако за три минути постигнаа два гола заканувајќи се со целосен пресврт. Младиот Хулен Лобете во 82. минута намали на 3:1, пред Микел Ојарзабал во 85. минута да погоди за 3:2. Точка на натпреварот стави Серхи Роберто по асистенција на Брејтвајт во 91. минута од мечот.