Хрватскиот хипер-автомобил Rimac Nevera постави неофицијален брзински рекорд на четвртина милја. Автомобилот растојанието од 402 метри го помина за 8,582 секунди. Со ова Nevera го замени Tesla Model S Plaid на првото место.
Рекордот е направен на специјално подготвена патека која овозможува побрзо „тргнување“ и забрзување. Покрај моќноста на Nevera од 1,914 hp, причина за одличното време кое го постави автомобилот е прилагодувањето на површината од тркалата која се допира до патеката.
Истовремено ова е едно од ретките видеа во кои подетално може да ја разгледаме командната табла на автомобилот. Во видеото накратко се зборува и за интелигенцијата на возилото која ја учи патеката, и секој пат е подобро прилагодена од претходниот.
Тимот на Nevera верува дека можат и да го подобрат рекордот, а со оглед дека уште некој период се на тест патеката во Калифорнија ова може да се случи наскоро.
Rimac Nevera е двосед и според најавата ќе бидат изработени само 150 возила. Од 0 до 100 km/h забрзува за 1,97 секунди; од 0 до 300 km/h за 9,3 секунди; а максималната брзина на автомобилот е 412 km/h. Батеријата е со капацитет од 120kWh што овозможува да се извозат 544 километри пред да биде потребно полнење на батериите. Цената на автомобилот е 2,4 милиони долари.