Владата на денешната 99-та седница ги донесе најновите мерки, протоколи и препораки за заштита од Ковид-19, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести. Според соопштението доставено до јавноста, од утре ковид-сертификати ќе бидат потребни и за влез во затворениот простор на трговските центри.
Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:
– сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина против Ковид -19 или
– сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе лица, како и за влез во затворениот дел од моловите.
Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД – 19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.
Овие мерки стапуваат на сила по нивното објавување во „Службен весник“, односно од утре 18 август 2021 година.
Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.