Ракометниот шампион Вардар ги претстави новите дресови и ги повика своите навивачи да се вакцинираат за да можат да дојдат и да навиваат на мечевите оваа сезона. По една година пауза, Вардар повторно ќе игра пред исполнети трибини. Првиот натпревар е на 26 август кога ќе го пречека Загреб во четвртфиналето на СЕХА лигата.
„Ги канам навивачите да дојдат во сала по една година пауза. Очекувам да има најмалку илјада наши навивачи да нè бодрат против Загреб. Јас мора да апелирам навивачите да се вакцинираат. На влезот ќе има контроли и во салата ќе може да се влезе само ако се приложи лична карта, потврда за вакцинирање со барем една доза или за прележан ковид во последните 45 дена. Има некои рестрикции кои не се дефинирани“, рече претседателот на Вардар, Михајло Михајловски .
Тој исто така потврди дека клубот го исполнил главниот услов за настап во Лигата на шампионите, откако во најголем дел се раздолжил кон играчите.
Вардар го промовираше новиот дрес со кој ќе настапува сезонава. За домашните натпревари е резервиран дресот каде што доминира црвената боја, а на гостински терен оној со бела боја.
Новиот дрес ќе биде достапен во продажба од понеделник во фаншопот што е во склоп на СЦ „Јане Сандански“.
Фото: Фејсбук, фан-страница на РК Вардар