Талибанците денеска преку руската амбасада во Кабул побараа од Москва да им пренесе порака на лидерите на провинцијата Паншир, која не е под нивна контрола, дека сакаат да воспостават дијалог со нив.
Рускиот амбасадор во Авганистан, Дмитриј Жирнов го потврди барањето на талибанските власти руските дипломати да испратат порака до лидерите и населението во Паншир дека талибанските единици не се обидуваат да влезат во провинцијата, туку нудат политички дијалог и бараат начин да се постигне политички договор.
Паншир е една од 34-те провинции на Авганистан каде живеат околу 144.000 луѓе.
Поранешниот потпретседател на Авганистан, Амрулах Салех вети дека ќе организира силен отпор против талибанците од неговата родна провинција Паншир.
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, претходно изјави дека Москва е за политички дијалог во кој ќе учествуваат сите спротиставени сили во Авганистан.