Заврши изградбата на социјалната зграда во Пробиштип

пред 3 години

Социјалната зграда во Пробиштип ќе овозможи решавање на станбеното прашање на 48 семејства од социјално ранливите категории на граѓани. Становите се со површина од 35 – 45 м2, а ќе бидат распределени во транспарентна постапка согласно методологијата на бодирање на кандидати после локалните избори, изјави генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на Републиката, Кристијан Трајковски.

„Очекувам дека после Нова година и поголемиот дел од социјалните згради што ги започнавме во последниве две години ќе бидат при крај и дека во утврдените временски рокови ќе бидат распределени на граѓаните на кои што им се најпотребни“, рече Трајковски.

Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, со градење на објекти од ваков тип Владата покажува посветеност и желба да ги решава суштински потребните прашања кои ги засегаат граѓаните.

„Секоја станбена единица е шанса за подобар живот на наши сограѓани. Со програмата на изградба и одржување на станови во изминатите години се изградени околу 750 станбени единици, а во овој момент во тек на изградба се преку шестотини вакви станови на 8 локации во 8 општини во државата“, рече Бочварски.

Изразувајќи задоволство од завршување на проектот, градоначалникот Драган Анастасов рече:„ Јас ги знам проблемите на овие сограѓани кои ќе можат да аплицираат и да решат еден децениски, долгогодишен проблем, односно да имаат свој кров над глава“.

Вкупната сума на чинење на објектот во Пробиштип изнесува 68,880,116 денари.

Share
Scroll to Top