Црвено или сино? Гигантите од Манчестер во борба за потписот на Роналдо

Црвено или сино? Гигантите од Манчестер во борба за потписот на Роналдо

пред 3 години

Иако се веруваше дека Манчестер сити се единствената опција за Кристијано Роналдо по веќе потврденото заминување од Јувентус, сега неговиот стар клуб, Манчестер јунајтед сериозно влегува во битка за неговиот потпис, јавуваат повеќе британски и италијански медиуми.

Претходно се тврдеше дека Роналдо веќе ги договорил личните услови со „граѓаните“, но сега италијанскиот експерт за трансфери, Фабрицио Романо тврди дека од вчера вечер Јунајтед се во контакт со агентот на Португалецот, Жорге Мендеш и дека се „сериозно заинтересирани“ да го вратат во дресот на „ѓаволите“.

На ова се надоврзаа и денешните одговори на прес-конференцијата на менаџерот и поранешен соиграч на Роналдо, Оле Гунар Солскјер, кој посочи дека ако си играл за Манчестер јунајтед, не можеш да играш за Манчестер сити. Солскјер исто така изјави дека е во контакт со Роналдо преку Бруно Фернандеш со зборовите „да видиме што ќе се случи“.

„Не сакам да шпекулирам. Кристијано е легенда на клубот, најголемиот играч на сите времиња. Имав среќа да играм со него. Се работи за неверојатен човек и ќе видиме што ќе се случи, секој кој играл со него знае што носи во тимот. Имаме добра комуникација, знам дека Бруно зборуваше со него и тој знае што чувствуваме за него и ако си замине од Јувентус знае дека сме тука“, изјави Солскјер.

Пеп Гвардиола, пак, вели дека Роналдо ќе одлучи каде ќе игра.

„Има неколку фудбалери, како Кристијано Роналдо и Лионел Меси, секако, кои сами одлучуваат каде ќе играат. Тие ја имаат главната улога во преговорите и желбите им се остваруваат. Јас имам позиција дека сум презадоволен од тимот кој ог имам. Кристијано ќе реши каде сака да игра, не Манчестер сити, ниту јас“, изјави Гвардиола.

Share
Scroll to Top