Милан го „прегази“ Каљари, Рома на Мурињо како „подмачкана машина“

Милан го „прегази“ Каљари, Рома на Мурињо како „подмачкана машина“

пред 3 години

Милан и Рома се придружија на Лацио, Интер и Наполи како единствени клубови во Серија А со максимални шест поени по два меча, откако двата тима стигнаа до убедливи победи во неделните мечеви.

Милан, предводена од двата гола на Оливие Жиру и фантастичниот гол на Сандро Тонали со 4:1 го растури Каљари, додека Рома на Жозе Мурињо со четири гола во второто полувреме (вклучувајќи го и првиот гол на Теми Абрахам) стигна до 0:4 победа кај новиот прволигаш Салернитана.

На „Сан Сиро“ имаше лудачки старт на натпреварот. Тонали, момчето кого многумина го нарекуваат „новиот Андреа Пирло“, во 12. минута од слободен удар постигна прекрасен гол, но само три минути подоцна, Каљари израмни преку Алесандро Дејола. Веќе во 17. минута, „росонерите“ ја вратија предноста преку Рафаел Леао, за потоа на сцена да стапи ветеранот Жиру – во 24. минута зголеми на 3:1, за во 43. минута од белата точка да го постигне вториот гол за 4:1.

Во Салерно пак, Рома дури во второто полувреме го скрши отпорот на домаќините. Лоренцо Пелегрини во 48. минута стрелаше за 0:1, пред Жордан Верету пак да постигне гол само четири минути подоцна, а Теми Абрахам првпат стана стрелец на „волчицата“ во 69. минута од мечот, за 10 минути подоцна Пелегрини да го постигне својот втор гол.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Standings provided by SofaScore LiveScore

Share
Scroll to Top