Бутел е општината за која сум убеден дека на 17-ти октомври ќе биде меѓу првите која ќе ја крене раката на идниот општински градоначалник Дарко Костовски и на идната градоначалничка на градот Скопје, Данела Арсовска, порача денеска во обраќањето до жителите од оваа скопска општина, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Колку власта е исплашена, колку само им се тресе душата од промените кои доаѓаат ќе видите по нападите кои оркестрирано ги прават и говорот на омраза кој го истураат врз Данела Арсовска“, рече тој.
Според партискиот лидер, политичките опоненти уште сега не знаат кој правец да го фатат, а омразата ги заслепува.
„СДСМ не може да сфатат дека ВМРО-ДПМНЕ има доволно демократски капацитет за да препознае и признае квалитет надвор од нашите партиски рамки и затоа ИК и ЦК на партијата одлучи да застане цврсто позади идниот победник и идниот градоначалник на Скопје, а тоа Данела Арсовска“, кажа Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе води позитивна кампања, зашто, како што рече, на народот му е преку глава да слуша што не чини, па време е да чуе што се нуди и што ќе се направи.
„Бутел заслужува многу повеќе од тоа што го живее денес. А Дарко Костовски е нашиот кандидат за градоначалник кој ќе ја има најтешката обврска да ги промени работите од корен овде во Бутел“, рече Мицкоски кои потоа наведе 10 точки за кои смета дека треба да бидат обврска на идниот градоначалник.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика народот да се разбуди од апатијата во која, според него, го довела власта и да го возврати ударот на претстојните избори.