Еден од најголемите грчки композитори, Микис Теодоракис, почина на 96 години. Познат како татко на сиртакито, тој стекна светска слава со музиката што ја направи за филмовите „Гркот Зорба“ и „Серпико“.
Роден е на 29 јули 1925 година, на островот Хиос во Грција. Уште од дете бил фасциниран од музиката. Бил самоук и како мал пишувал песни, иако немал инструменти. Откако учествувал во отпорот против окупаторот во Втората светска војна, кога бил измачуван, тој се запишал на Конзерваториумот во Париз, каде студирал музичка анализа во класата на Оливие Месајен и диригирање кај Јуџин Бигоа.
Неговите први симфониски дела „Концерт за пијано“, „Прва свита“ и „Прва симфонија“, доживеаја меѓународен успех.
Тој освои златен медал на Московскиот музички фестивал во 1957 година, а во 1959 година Дариус Мило го номинираше за Американската музичка награда Копли за најдобар композитор на годината.