Новак раскоматен од медведевата канџа

Новак раскоматен од медведевата канџа

пред 3 години

Пишува: Ненад Живановски

Не е голема мудрост ако се каже дека еден од најглавните ликови во тениската историја ќе биде Новак Ѓоковиќ. Но, факт е дека неговото име нема да се појавува баш на секоја страница во историската читанка. Пропуштените редови со неговото име токму се испишаа во неделата ноќта.

Чекорот до вечноста, Ноле го пропушти во Њујорк, на УС Опенот, за да постане календарски гренд слем шампион. Нема сомнеж дека уште едниот Гренд Слем, кој му недостасува за да постане ГОАТ, сигурно ќе го освои, можеби уште на првиот нареден турнир, на неговиот омилен Австралијан Опен.

Меѓутоа, во една сезона да ги врзе сите големи турнири, се чини дека таквата можност тешко повторно да му се понуди. Тоа е дострел кој многу пореално би било да го постигнел на 24 години, отколку десет години подоцна.

Со секоја година плус во животот, тој се доближува кон крајот на тениската кариера, а доаѓачките „млади лавови“ итаат кон својот врв. Медведев тоа го покажа ноќеска, Зверев на Олимписките игри во Токио, а поскромно, но заканувачки, и Циципас на Роланд Гарос и Беретини на Вимблдон.

Проблемот на Новак се покажа дека е неговото до пред некоја година најсилното оружје – победничкиот менталитет. Самоуверен дека победникот зема се, на крај таа самоувереност му го зема најважното оваа сезона – календарскиот гренд слем. Желбата, после трите освоени гренд слемови, да освои и две злата на Олимписките Игри во Токио – сингл и мешовит дубл, придонесе да има и дабл пораз. Првин на ОИ, потоа на УС Опен.

Веднаш после триумфот на Вимблдон, кога ја донесе одлуката да игра во Токио, а потоа да го нападне календарскиот ГС, поранешниот негов тренер Борис Бекер изјави дека преголемата амбиција на крај ќе му дојде до главата. Слично пишуваа и некои други германски новинари, специјализирани за тенисот.

Пристрасната и нереална српска јавност и новинари тоа го протолкуваа како завист на Германците Ноле да не ѝ го превземе историскиот и единствен подвиг на Германката Штефи Граф, која има освоено календарски ГС и злато на ОИ во Сеул. За порационалните од српските навивачи, јасно беше дека својот авторитет и стручност еден Бекер не би ги коцкал поради некои ирационални патриотски мотиви, туку едноставно го кажуваше она што го мислел, а се темелело на неговото акумулирано играчко и тренерско знаење.

Секако дека намерата на Ноле беше искрена, благородна и можеби додворувачка до српската јавност да настапи во Токио, после разочарувањето кое им го приреди НБА ѕвездата Никола Јокиќ, да не игра за српската кошаркарска репрезентација. Меѓутоа, против природата никој не може, па ни Ноле. Биологијата е неумолива и колку год тој да тврди дека за него годините се само бројка, сепак неговите години сѐ повеќе го доближуваат до ветераните, а го оддалечуваат од младоста. Брчките околу очите, кои можат да му се забележат, само потврдуваат колку природата е немилосрдна и бескомпромисна.

Тоа е она што прво мора да го расчисти во главата Ноле – еликсир за вечна младост нема, а и дрвениот крст од Хилендар, кој го носи околу вратот, го чува од фаустовското искушението да му ја продаде душата на ѓаволот за вечна младост. Затоа сметам дека тоа ќе биде еден од поголемите проблеми за Ноле во годините кои доаѓаат – како да ја совлада својата нарцисоидност и суетност. На последниот Вимблдон, имав привилегија да го прашам токму за тоа – како ја оценува својата физичка сила, односно дали има направено анализа за metabolic age, која на Надал му покажала дека телото на 34 години му е истрошено како да е 40 годишен. Ноле ми одговори дека сѐ уште немал направено таква анализа (во што се сомневам), но, и ми возврати со прашање – дали од неговата игра ми се чини дека изгледа како тинејџер. Не сум психијатар, но во ваквото размислување има елементи за нарцисоидност и неподготвеност да се прифати фактот дека старее.

Но, да не го разапнуваме само Ноле. Таквата ментална самовљубеност е типична за секој спортист, а кај врвните спортисти уште повеќе е изразена. Навикнати се на популарност, да се центар на внимание, а топ резултатите да ги сместуваат во вечност. Она што не смее Ноле да го направи е да ѝ се предаде на суетата и да поверува дека постигнатите резултати во минатото и во иднина ќе бидат причина рефлекторите постојано да бидат вперени во него. Резултатите и триумфите ќе постанат само бројки и статистика, а честа ќе му се укажува само на куртоазни приеми и почесни ложи на тениските турнири.

Како сега на Род Лејвер или Бјерн Борг, кои во свое време, исто така, ја пишуваа тениската историја. Едноставно, ќе дојдат некои нови дечки, нова младост, нова енергија, нова популарност. Веројатно со послаби резултати, но, сепак нови, актуелни и атрактивни.

Тоа е проблемот на Роџер Федерер, кој никако не може да се помири со суровата вистина дека конечно треба да си го избере статусот на „поранешен тенисер“. И затоа упорно одбива спортски и чесно да се откаже од тенисот и да го продолжи животот барајќи во него некои нови задоволства. Рафаел Надал е вистинската опција за углед за Ноле и за секој друг тенисер на кого му се ближи крајот на кариерата – свесен е за своите квалитети, слабости, возраст и повреди и, согласно тоа, ја планира сезоната. Крајот на кариерата веќе го најавува и не гледа ништо трагично во тоа.

Новак во последните години покажа дека неговиот максимум е врвно да ја започне сезоната – Аустралијан опен со леснотија да го освои, со добра жребка и добри резултати, па и триумф да постигне на Роланд Гарос и сезоната победнички да ја заврши на Вимблдон. За УС Опен и завршниот турнир во Лондон, јасно е дека во длабоко начнатата четврта деценија од животот, веќе нема сили да истурка со истата енергија и свежина како ја започнал годината на Аустралијан Опен.

На крајот збор-два за неделното финале во Њујорк. Ноле беше раскоматен од медведевата канџа. Важноста на мечот можеби му беше поголема од било кој претходен финален меч. Но, Ноле имал и потежок, па и посрамен пораз, како оној на Роланд Гарос во 2019 година, кога загуби од Надал 3-0, со прв сет 6-0.

Како што тогаш Новак успеа да се врати, сигурно и сега ќе се врати и ако го загуби календарскиот гренд слем, најверојатно ќе постане ГОАТ. Верувам, уште на претстојниот Аустралиан опен во јануари 2022.

Share
Scroll to Top