Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со министерот за надворешни работи на Казахстан, Мухтар Тлеуберди, како и со Претседателот на земјата, Касим Жомарт Токаев.
Во фокусот на разговорите беа потенцијалите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на зголемување на трговската размена и инвестицискиот потенцијал.
„Билатералните односи меѓу двете земји создаваат далеку поголеми потенцијали за економска соработка, што преставува директен интерес и на двете Влада, и на бизнисите, како и на граѓаните на двете земји. Наша обврска е да преземеме активности за да им овозможиме на бизнисите да го препознаат и искористат овој потенцијал, искористувајќи ги притоа сите можности на дипломатијата за остварување на овие цели“, истакна Османи, при потпишувањето на Акциски план за соработка меѓудвете Министерства за надворешни работи за периодот 2021-2023 година. Покрај акцискиот план, на средбата беше потпишан и Протокол за размена на инструментите за ратификација на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан за трансфер на осудени лица.
Се разговараше и на темата за продлабочена регионална соработка меѓу регионот на Југоисточна Европа и регионот на Централна Азија. Со оглед на географската, инфраструктурната и политичка поставеност, соговорниците изразија подготвеност за унапредување на севкупната соработката меѓу Скопје и Нур Султан како потенцијални хаб-центри за воспоставување на подлабока соработката меѓу двата региони, како директен интерес и за двете земји, и за двата региона.
На средбите беше поздравена и соработката во областа на мултилатералатасо посебен фокус кон претстојното претседателство на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година. Домаќините ги понудија своите искуства од претседателствувањето со организацијата во 2010 година, а тема на разговор беа и актуелните предизвици и формирањето на приоритетите на претстојното претседателство во 2023 година.
За време на средбите соговорниците разменија мислење и за актуелните меѓународни предизвици, при што посебен акцент беше ставен на последните случувања и состојбите во Авганистан.Соговорниците изразија загриженост за актуелната состојба во земјата, како и подготвеноста на двете земји преку своите активности да продолжат со поддршката на граѓаните на Авганистан и од хуманитарен аспект, како и во создавањето безбедна и стабилна држава.
Посетата на Казахстан претставува прва официјална посета на ниво на министри за надворешни работи од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји, и истата беше искористена за официјално да биде пуштена во употреба новата амбасада на Република Северна Македонија во Нур Султан. Притоа домаќините изразија посебен интерес за отворање на амбасада на Казахстан во Скопје веќе од наредната година, како почетна точка за реализација на амбициозните планови а соработка.