Алијанса за Албанците: Надлежните сакаат да побегнат од одговорноста за пожарот во Тетово

пред 5 години

Изминатите неколку дена се прават различни обиди од надлежните институции да избегаат од одговорноста за горењето на живите 14-те лица во модуларната болница во Тетово. Јасно се гледа, како и во многу други случаи, дека се обидуваат на крајот никој да не одговара и виновниците да останат анонимни, реагираат за последните случувања поврзани со трагедијата во Тетово, од Алијанса за Албанците.

Oд таму потсетуваат дека модуларните болници во земјата се изградени со средства на заем од Светска Банка. Ја видовме тендерската документација, која меѓу другото јасно покажува кои институции се надлежни за заштита од пожари, а овие институции се Тетовската болница и Општина Тетово, потенцираат од оваа партија.

„Според третиот дел од тендерската документација – План за мониторинг, предвидено е модуларната болница да има План за заштита од пожари и спроведување мерки за заштита. Утврдено е дека општинските инспектори, директорот на болницата и одговорните лица вработени во болницата се одговорни за овие планови и мерки“, нагласуваат од Алијанса за Албанците.

Според нив, општина Тетово побрзала да ја тргне одговорноста од себе, па поради тоа од оваа партија јавно ја прашуваат градоначалничката на Тетово:

„Дали сте спровеле процедура за инспекција за заштита од пожар како што бара постапката? Ако не, зошто не? Исто така, јавно ги прашуваме општината, болницата и сите други релевантни институции: Зошто немаше аларм за пожар во модуларната болница? Зошто во модуларната болница немаше опрема за заштита од пожар? Знаеме дека главен изведувач беше фирмата Брако на вашиот долгогодишен партнер Кочо Анѓушев. Дали имало подизведувачи и кои се тие? Особено прашуваме, кој ја инсталирал електричната мрежа? Дали објектот бил надгледуван и технички прифатен? Кој го направи надзорот?“, прашуваат од Алијанса за Албанците.

Share
Scroll to Top