Првиот викенд од октомври резервиран за 17. Визер скопски маратон

Првиот викенд од октомври резервиран за 17. Визер скопски маратон

пред 3 години

Првиот викенд од месец октомври оваа година е резервиран за спорт и рекреација. На 2 и 3 октомври ќе се одржи 17. Визер скопски маратон, кој традиционално низ годините го изгради темелот на спортувањето и здравиот начин на живот.

Визер скопски маратон 2021 оваа година ќе се одржи во период од два дена, со што в сабота, на 2 октомври ќе се трча трката на 5 километри, со старт од 17 часот, а в недела, на 3 октомври, ќе се трчаат маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт, со почеток во 8 часот.

Подигањето на стартните пакети ќе биде од 30 септември до 2 октомври, во период од 12:00 часот до 19:00 часот, пред главниот влез на салата „Борис Трајковски“, а при подигање на истите, учесниците над 18 години задолжително ќе мора да покажат сертификат – потврда за извршена имунизација или примена барем една доза вакцина, потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена или потврда за негативен ПЦР-тест направен во последните 72 часа пред одржување на трката.

Визер скопски маратон 2021 ќе се реализира под специјални протоколи одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со што ќе биде задолжително одржување дистанца од 1,5 метри, носење маска пред и по завршувањето на трката, како и постојана дезинфекција на рацете.

Оваа година, исто како и претходните, Визер скопски маратон ќе биде домаќин на најдобрите македонски маратонци, кои ќе трчаат на Државното превенство во маратон, кое Атлетската федерација на Македонија го организира во склоп на овогодишниот маратон. Организаторите и учесниците со нетрпение го очекуваат 17. издание на Визер скопски маратон.

Визер скопски маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски клуб „Работнички“ од Скопје, а е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.

Share
Scroll to Top