Министерот за правда, Бојан Маричиќ, оствари средба со вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела, на која се разговараше ЕУ перспективите на земјата и чекорите кои се преземаат во правосудството со цел зацврстување на правната држава.
Маричиќ на високата гостинка и ги претстави новите закони кои долго време се работеа во Министерството за правда, а се во насока на реформа во правосудството. Дополнително беше објаснет процесот на дигитализација на судовите и нивното опремување со софистицирана информатичка технологија. Во однос на ЕУ интеграциите, Маричиќ кажа дека отворањето на преговорите ќе даде нов силен и позитивен импулс во општеството и додаде дека европските интеграции се високо на агендата на Владата.
На средбата се разговараше и за пописот кој во земјава се спроведува по речиси 20 години. Министерот за правда ја информираше Матуела дека теренското пребројување се одвива во најдобар ред и дека се очекува успешно да заврши. Досега се попишани над 1.100.000 граѓани.