Во иднина ќе бидеме земја транзит за гас, рече министерот Бектеши во Варшава

пред 3 години

Во иднина ќе бидеме земја транзит за гас за другите земји, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на панел дискусијата „Улогата на природниот гас во енергетската транзиција“ во рамки на Бизнис форумот кој се одржа денеска во Варшава.

Тој е дециден дека за Северна Македонија, изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура.

Бектеши потенцираше дека за обезбедување на прогнозираните количини на природен гас за наредниот период во тек се активности за натамошна изградба на постојниот гасоводен систем во земјата, негово поврзување со регионалните гасоводни системи особено со јужниот гасен коридор, како и отпочнување на преговори за обезбедување на дополнителните колични на природен гас.

„Во последните неколку години ги поставивме енергетските политики во Република Северна Македонија на стабилни основи. Тие гарантираат безбедно и стабилно снабдување со енергенси, но и диверзификација при снабдувањето, кои се базирани на чиста-зелена енергија и кои ќе овозможат одржлив раст на економијата на нашата држава“ кажа министерот.

Како дел од активностите кои веќе се започнати министерот Бектеши кажа дека пред три месеци беше потпишан договор за изградба на интерконектор за природен гас со Грција кој што треба да почне да се гради до крајот на годината,

„Изградбата на овој интерконектор за течен гас ќе отвори многу можности за нашата земја, со кои ќе имаме шанса во иднина да се позиционираме како земја која ќе биде транзит за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа, а за нашата национална економија ќе обезбедиме диверзифициран извори на енергенси и ќе ја поттикнеме конкурентноста“ кажа министерот.

Бектеши информираше дека покрај и инвестициите во интерконекторот со Грција, веќе се започнати активности за гасно поврзување со Косово, Србија и Албанија што ќе го отвори хоризонтот за подобрување на регионалната соработка и конкурентноста на заедничкиот регионален пазар.

Потсети и дека на почетокот на годината беше потпишан договор со Грција за соработка за изградба на гасниот терминал во Александрополи, каде Северна Македонија ќе поседува 10% од акциите на терминалот, како и учество во изградбата на гасната централа во близина на Александрополи, каде уделот на Северна Македонија е 25% од вкупната вредност.

“Конкурентноста на Југоисточна Европа со инвестициите во интерконектори се подобрува, а истите се многу важни и за иднината, за преносот на водород како иден извор на енергија. Во сите сектори до 2030 година планираме да намалиме 51% од емисиите на стакленички гасови, во споредба со нивото од 1990 година“ кажа министерот Бектеши.

Иницијативата Партнерство за трансатлантска енергија и климатска соработка (P-TECC), е создадена како пат за зголемена соработка помеѓу САД и земјите од Централна и Источна Европа за енергетска безбедност и транзиција кон чиста економија.

На бизнис форумот учествуваат претставници од земји, организации и бизниси од целиот регион, а главна тема оваа година се технолошките иновации, пречките во политиките и бизнис можностите.

Главен фокус на овогодишниот Министерски состанок е поставување на климатска акција и праведна транзиција кон иднина со низок јаглерод и распоредување иновативни технологии за чиста енергија што создаваат работни места на двете страни на Атлантикот.

Share
Scroll to Top