Со потпишување на заедничката изјава за поддршка на Студијата за валоризација на Охридското Езеро, градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца – Константин Георгиевски, Рамиз Мерко и Зоран Ногачески, ја потврдија подготвеноста да соработуваат во процесот на репрогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата.
Во таа прилика, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека веќе e постигнat напредок во делот на заштита на Охридското Езеро, како една од најрепрезентативните и меѓународно препознаени природни убавини во нашата држава.
„Неодамна овој напредок беше препознаен и од Комисијата на УНЕСКО, кога добивме дополнителен период да постапиме по нивните препораки и да ги завршиме започнатите активности. Токму Студијата за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро и работата на Нацрт-Планот за управување, беше една од клучните активности со кои ние ја покажавме подготвеноста вистински да го заштитиме Охридското Езеро – изјави министерот Нуредини, додавајќи дека единствен начин да се постигне поставената цел е заедничкото, здружено делување на централната и локалната власт, воспоставување соработка и добра координација на локалните самоуправи.
Студијата за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро беше предадена на општините Охрид, Струга и Дебрца со цел усвојување од страна на нивните совети и формално доставување до Министерството за животна средина и просторно планирање, за отпочнување на постапка за повтoрно прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата.
Директорот на Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, Борис Ерг објасни дека реномирани национални и меѓународни организации за зачувување, во последниве неколку години, водеа истражувања во и околу Охридското Езеро, а собраните податоци се интегрирани во Студијата за валоризација за Охридското Езеро.
Меѓутоа, според него, за ефективно управување со езерото и заштита на неговите извонредни природни вредности, клучна е заедничката визија на Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија и трите општини околу Охридското Езеро во Северна Македонија, како и поддршката и соработката на граѓанските организации.
Во рамки на настанот, беше изведено и примопредавање на Сертификатот на градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца, во кој е наведено дека Охридското Езеро е внесено во светската Рамсарска листа на заштитени водни живеалишта.