Претседателот Стево Пендаровски во вторник и среда, ќе престојува во дводневна официјална посета на Грција.
Во вторник, претседателот Пендаровски во Претседателската палата во Атина, на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, по што ќе се одржат тет-а-тет средба меѓу претседателот Пендаровски и претседателката Сакеларопулу и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
Претседателот Пендаровски ќе се сретне и со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред грчкиот Парламент, ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе има средба со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пјат.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Грција.
Официјалната посета на претседателот Пендаровски на Грција претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави.