Повисоки плати и подобри услови за работа најави Царовска на Меѓународниот ден на просветителството

пред 3 години

Светот денес оддава почит на луѓето кои одбрале да се занимаваат со најблагородната професија, а тоа е просветителството. Денес е 5 Октомври – Меѓународен ден на учителките и учителите и јас, како министерка за образование и наука која секојдневно комуницира и работи со нив и заеднички овозможуваме непречена едукација на младите во нашата земја во нормални и во вонредни услови за работа, а притоа, паралелно и партнерски работиме на крупни промени за подобро образование, им го честитам празникот, истакна министерката за образование Мила Царовска.

„Живееме во време кога суштината на образованието и потребата од квалитетна едукација на децата особено доаѓа до израз. Здравствената криза ни покажа колку образовниот систем е кревок, а предизвиците кои ги донесе пандемијата можат многу негативно да се одразат на знаењето на учениците, особено кај најмалите и да создадат празнини кои тешко дека некогаш ќе можат да се надоместат, доколку немаме квалитетен наставен кадар кој ќе успее ефектите од тие предизвици навремено да ги анулира и да ги заштити нашите деца“, додаде таа.

Нашата држава, потенцира Царовска, има наставен кадар кој е посветен на работата, одговорен и подготвен да реагира кога учениците се засегнати од негативни појави и влијанија и да ги одржи на вистинскиот пат за остварување на очекуваните резултати од учењето, како би биле подготвени за живеење и работа во новиот свет на 21-от век.

„Уверувам дека актуелната Влада е и ќе продолжи да биде вистински предводник на процесот за подигнување на достоинството на наставниците. Повисоки плати, повеќе можности за кариерен и професионален развој и подобри услови за работа беа целите на кои бевме посветени во изминатите неколку години и ќе бидеме уште повеќе во периодот пред нас. Успеавме да ги зголемиме нивните плати за над 21 процент, да обезбедиме можности да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки месечни приходи како додаток на плата, да ги подобриме условите во кои работат преку инвестиции во инфраструктурата и во набавка и модернизација на опремата и нагледните средства за поедноставен, а сепак поквалитетен наставен процес“, нагласи Царовска.

Најави дека наскоро ќе следат значајни измени на законското решение за наставниците и стручните соработници во основните училишта.

„Иако во моментов постојат политички субјекти кои се противат на неговото усвојување без никаква оправдана причина, туку од чиста политичка побуда, сигурна сум дека ќе постигнеме целосна политичка согласност и ќе ги усвоиме, овозможувајќи им на наставниците полесно да се вработуваат во училиштата, оние кои работат со договори на определено, да добијат трајни решенија и економска и правна сигурност, да почне редовното исплаќање на додатоците на плата кои ги заслужуваат, но исплатата не е правно регулирана, а платата да им се зголемува континуирано со секое зголемување на минималната плата. Само заедно можеме да го направиме образованието поквалитетно, да им овозможиме на децата иднина каква што заслужуваат, а на државата развој во посакувана насока“, потенцира Царовска.

Share
Scroll to Top