Николоски: ДКСК веднаш да постапи, не смее да се распишуваат тендери во тек на кампања како што тоа го прави Шилегов

пред 3 години

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) мора веднаш да постапи, затоа што со распишување тендер за градска куќа од страна на Град Скопје, под раководство на Петре Шилегов за време на изборна кампања директно се крши Изборниот законик, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски после изјавата од пред Општина Кисела Вода, запрашан за коментар за распишаниот тендер од страна на Град Скопје за изградба на градска куќа во вредност од 11 милиони евра.

Тој посочи дека кога веста ја прочита во медиумите, првично помисли дека станува збор за некоја шега или стара вест, имајќи предвид дека се наоѓаме во ек на кампања за локалните избори, каде што општините не смеат да имаат покрупни активности, особено такви тендери со милионски суми евра.

„Прво би сакал да ја повикам Антикорупциската комисија да реагира, затоа што согласно законот за избори, во пред изборен период и во период на кампања како што сме сега не смее да има никакви покрупни активности на општините и на Градот Скопје, најмалку распишување на тендер во номинална вредност од 11 милиони евра“, рече Николоски.

Тој побара одговори од Град Скопје и Петре Шилегов, што се случи со 12,7 милиони евра кои што градот ги доби од продажбата на веќе изградената градска куќа, при што ги повика надлежните органи да постапат затоа што, како што рече Николоски, тие имаат информација дека наменските средства се потрошени, со што е направено кривично дело.

„Втората работа која што е исклучително загрижувачка, е што до денес јавноста не доби одговор на прашањето што се случи со 12,7 милиони евра, кои што Град Скопје ги приходуваше од продажбата на веќе изградената градска куќа која што Град Скопје ја продаде. Истата треба да се на наменска сметка и да се чуваат за таа намена. Но, според нашите сознанија, тие средства се потрошени и ги нема на наменската сметка, што е кривично дело. И ги повикувам надлежните органи да постапат по оваа информација, затоа што потрошувањето на средствата кои што се за една намена а, се трошат за друго е класично кривично дело“, истакна Николоски.

Тој заклучи дека, во дел на трошење на овие 12,7 милиони евра, а во делот на распишување на тендер сега за градска куќа, мора Антикорупциската комисија да постапи, затоа што е директно прекршување на Изборниот законик.

Share
Scroll to Top