Мицкоски: Никогаш нема да прифатам дека за смртта на 14 луѓе може да биде виновен кабел

пред 3 години

Како човек никогаш нема да прифатам дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик министерот се директно одговорни, напиша на „Фејсбук“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако попладнево премиерот Зоран Заев одби да ги прифати понудените оставки на Венко Филипче и Илир Хасани.

„Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел – да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри.

Кој дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати?

Кој дозволил опасни боци за кислород во необезбедена болница?

Кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата?

И кој друг ако не министерот, заменикот министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите“, запраша во својата објава партискиот лидер.

Мицкоски посочува и дека како на човек му е тешко што, како што вели, главни теми во нашата земја се нечие отсуство на морал и чувство за одговорност.

„Кажете и јасно на јавноста дека Заев и Ахмети здружено, како и за други тендери, се договориле никој да не одговора“, обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својата објава и порача дека народот знае како да постапи и биде силата на промените кои сака да ги види.