Арсовска од Центар: Еколошки зелен совет од експерти за стратешко планирање на Скопје

пред 3 години

Се обврзувам на формирање на еколошки зелен совет. Овој совет е навистина значаен затоа што стратешкото планирање на Скопје мора да го прават експерти од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот и заштитата на животната средина. Генералниот урбанистички план на Град Скопје и придружните стратешки документи мора да бидат достапни за скопјани и тоа е она што мораме да го направиме во следната година. Затоа овој документ мора да биде добро планиран и низ него да се пресликуваат сите оние нешта кои се желбата на скопјани, а не поинаку. Зелениот совет ќе има за задача да понуди решенија за борба против урбанистичкиот хаос во градот, поддршка при разгледувањето на деталните урбанистички планови, како и контрола на исполнувањето на плановите во пракса. Грижа ќе водиме за центарци – ќе овозможиме нови еколошки паркиралишта и гаранција за пристапност до секој дом, секоја зграда овде во Центар. Особено внимание ќе посветам на инфраструктурата за пешаци, изјави независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на вечерашната средба со граѓани во општина Центар.

Арсовска пред центарци ја презентираше својата програма за модерно Скопје, потенцирајќи дека во моментов на Центар му недостигаат многу нешта, осврнувајќи се на фактот што токму центарот на градот е едно од главните места за посетителите и она по што ќе го паметат Скопје и земјата и токму затоа се важни промените кои ќе започнат токму од општина Центар.

„На нашиот Центар му недостасуваат многу нешта, меѓутоа, она кое што не му недостасува е тоа со кое сме соочени во овој момент. Има многу нечистотија во центарот на градот и за жал тој се развива и урбанизира не онака како што сите ние посакуваме. Центарот на градот е и едно од главните места каде доаѓаат сите посетители кои што доаѓаат во Македонија и тоа е првата точка каде што доаѓаат да видат што е она убаво што има да се види во градот. Јас верувам дека можеме да покажеме дека нашиот град повторно може да биде убаво место за живеење. Она за кое што знам и верувам дека сите заедно можеме да го направиме е дека во следните четири години на центарот на Скопје, но и на Скопје ќе му дадеме еден модерен, современ изглед и да го направиме поубаво место за живеење за сите“, вели Арсовска.

Според неа, приоритет на градот треба да биде и „Луна паркот“ како место во кое сите скопјани израснале, а како место кое им недостига на сегашните деца.

„Важно е дека ова култно место за најмладите, но и за нас во првата година од мандатот ќе го отвориме за посетители, ќе го отвориме за скопјани“, дополни таа.

Зборувајќи за нејзините приоритети за општина Центар, Арсовска ја промовираше визијата за Скопје како град на младите и културата.

„Ќе ја реконструираме и модернизираме градската библиотека Браќа Миладиновци. Таа повторно ќе стане култно место за младите од Скопје кога треба да му се посветат на учењето. Скопје ќе стане и град на младите луѓе. На младите кои ќе сакаат да останат во Скопје и Македонија, а не да бегаат од тука. Ќе го отвориме градот преку транспарентен процес за избор на Совет на млади, дигитализирање на сите информации за млади на еден клик преку проектот Е-млади, дигитализација на средните училишта и проектот за е – Младински културен центар. Ќе се грижиме и за културата – планираме одржување на најмалку 12 фестивали, за секој месец во годината. Порано Скопје беше град на култни фестивали на кои сите се радувавме и ги очекувавме со нетрпение. Универзалната сала повторно ќе блесне со сиот свој сјај и тоа не со лажни решенија туку со квалитетни решенија, а ќе испланираме и концертна арена на отворено за повторно во Скопје да ги видиме најголемите ѕвезди од светската музичка сцена“, најави Арсовска од Центар.

Share
Scroll to Top