Како компанија, ние веќе ја почнавме енергетската трансформација-конкретно во РЕК Осломеј. Како што може да се види, во тек е изградбата на нашата сопствена 10-мегаватна фотонапонска електраната и уште една таква е во процедура за добивање документација, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Тој кажа дека ова претставува голем чекор во процесот на енергетската трансформација.
„ФЕ Осломеј 10MW е почеток и добар пример на енергетска транзиција, каде производните капацитети на фосилни горива, се заменуваат со енергетски капацитет што произведува електрична енергија од обновливи извори. Термоелектраната „Осломеј“ не беше во редовна работа со години и сега во делот каде што е завршена експлоатацијата на јагленот се почна со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава, туку и во интерес на сите граѓани што живеат во Кичево и околината. Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј за кусо време ќе бидат функционална 10 мегаватна фотоволтаична електрана и тој тренд на оваа локација ќе се шири“, рече Ковачевски.
Тој кажа дека се преземаат активности за селектирање на потребните кадри од РЕК Осломеј и нивна преквалификација за работа во фотонапонската електрана.
„Продолжуваме со проектите за изградба на сончеви електрани во РЕК Битола, кои ќе заменат еден блок од термоелектраната и гасна електрана во комбинатот која ќе замени уште еден блок од РЕК Битола. Фотонапонски електрани ќе градиме и во Маврово, Тиквеш, Штип, Свети Николе за што имаме поддршка од Владата. Исто така ги спроведуваме инвестициите во ветерните електрани, зголемување на капацитетот на ветерниот парк Богданци и проектот за нов ветерен парк во Миравци. Вложуваме во хидропотенцијалот, ги обновуваме хидроелекраните, а како највисок приоритет ни останува реализацијата на капиталниот проект Чебрен, хидроелектраната која ќе донесе стабилност и сигурност на нашиот електро-енергетски систем”, изјави Ковачевски.