Лидерите на ЕУ бараат итни мерки против поскапувањето на горивата и струјата

пред 3 години

Денеска, на самит во Брисел, лидерите на Европската унија се согласија за серија мерки што на краток рок треба да ги ублажат, а на подолг да ги заштитат економијата и граѓаните на ЕУ од влијанието од ценовниот скок на енергијата.

Во своите заклучоци, лидерите на ЕУ ги повикуваат земјите-членки и Европската комисија итно и најдобро да ги искористат постоечките инструменти за да обезбедат краткорочна помош за најранливите потрошувачи и да ги поддржат европските компании.

За таа цел, Франција најави дека ќе издаде ваучери од по 100 евра за граѓаните чии месечни примања се помали од 2.000 евра, со цел да им помогне на тие 5,8 милиони домаќинства да ги платат трошоците за греење и гориво.

Среднорочно, лидерите на ЕУ и наложија на Европската комисија да го проучи функционирањето на пазарите на гас и електрична енергија и да процени дали е потребно да се воведат дополнителни регулаторни мерки поради одредени пазарни однесувања.

„Комисијата и Советот на ЕУ, исто така, треба да разгледаат и мерки кои ќе придонесат за производство на енергија за домаќинствата и компаниите по пристапна цена, ќе ја зголемат отпорноста на енергетскиот систем на ЕУ и внатрешниот енергетски пазар, ќе обезбедат сигурност во снабдувањето и ќе ја поддржат транзицијата кон климатска неутралност, притоа почитувајќи ја разновидноста на енергетските сектори на земјите-членки“, се наведува во заклучоците на Европскиот совет.

Европската инвестициска банка е повикана да размисли како да се забрзаат инвестициите во енергетска транзиција, во рамки на нејзиниот сегашен капитал, со цел да се намалат идните ризици од нарушувања и да ги исполни европските амбиции за глобално поврзување.

Лидерите на ЕУ најавија дека прашањето за цената на енергијата ќе се врати во декември.

Иако Европската комисија во својот извештај за состојбата на енергетскиот сектор наведува дека нема непосредна опасност од недостиг на гас и предвидува дека цените ќе се стабилизираат до април 2022 година, некои земји-членки, предводени од Франција и Шпанија, инсистираат на итност по прашањата за цената на енергијата и структурните промени на пазарот за електрична енергија.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги предупреди колегите на самитот дека цените на фосилните горива најверојатно ќе останат високи на долг рок.

Share
Scroll to Top