(Фото) Ги дадовме последните атоми за да се искачиме до Ама Даблам, Ирина Дишовска и Лазо Миновски го искачија еден од најопасните врвови на Хималаите

(Фото) Ги дадовме последните атоми за да се искачиме до Ама Даблам, Ирина Дишовска и Лазо Миновски го искачија еден од најопасните врвови на Хималаите

пред 3 години

Ирина Дишовска и Лазо Миновски викендов успеаа да се искачат на врвот на Хималаите, Ама Даблам, кој се наоѓа на 6812 метри надморска височина. Тие се искачија на врвот во саботата на 23 октомври во 9 часот по локално време.

Рекоа дека ова им бил еден од најголемите предизвици, и дека овој врв барал многу енергија, волја и сила од повеќето врвови на Хималаите кои се повисоки од 8.000 метри и поради тоа е почитуван од цела хималајска фела.

Дишовска вели дека ѝ се исполнил најголемиот сон. Имала тешки подготовки и многупати се откажувала, но благодарение на нејзиниот партнер и тренер Миновски, кој и бил поддршка во последните шест месеци, таа успеала да се искачи.

„Ова е исполнување на сонот. Имав тешки подготовки. Стартував на полноќ и го дадов последниот атом енергија во себе за да се изборам со овој монструм. Амам Даблам е многу повеќе од хималајски врв. Тоа е ретко виден монструм. Тој бара многу повеќе енергија, волја и сила од повеќето врвови на Хималаите кои се повисоки од 8.000 метри и поради тоа е почитуван од цела хималајска фела. Да се стапне на врвот е нешто што немам зборови да го опишам. Тоа треба да се доживее за да се разбере. Ме скрши на пола, но ѝ ми дозволи да го допрам со сета своја убавина“, рече Дишовска, која зад себе има низа освоени врвови низ светот.

Миноски за врвот рече дека е речиси седум километри над нивото на морето и дека тоа е вообичаена височина на летање за патничките авиони.

„Не можам да ги опишам емоциите што ги имав кога го допрев врвот на Ама Даблам. Имаше и солзи. Заборавив и на студеното време и на заморот. Со Ирина работевме цела година и си ја остваривме големата желба. Благодарност за сите кои ни помогнаа да си го реализираме сонот“, напиша Миновски.

За потсетување, Дишовска пред три години стана првата Македонка која успеа да го освои врвот Матерхорн (Ѓаволски рог), кој се наоѓа на Алпите и кој важи за еден од најопасните и најсмртоносните врвови во светот.

Миновски во февруари годинава беше дел од експедицијата, во која беа уште и Дишовска, Кирил Начков, Филип Христов, Никола Нешкоски и Иља Деревјев, кои со велосипед го искачија африканскиот врв Ухуру на планината Килиманџаро, висок 5.895 метри.

Тројца Македонци со велосипед го искачија највисокиот врв во Африка, Ухуру, на Килиманџаро

 

Share
Scroll to Top