Градската организација на СДСМ бара од кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, која ветува 250 нови автобуси, да одговори зошто во нејзината биографија не се споменува дека била менаџер на фирма која се занимавала токму со продажба на автобуси во Македонија.
„Арсовска ја менаџирала фирмата ТЕМ МК, која во 2008 се занимавала со продажба на автобуси и нудела за продажба турски автобуси во Македонија. ТЕМ МК била семејната фирма која се трансформирала во Ројал Груп, со седиште во сала Расадник, а во обете фирми биле сопственици Арсовска и татко ѝ“, посочуваат од СДСМ.
Од таму укажуваат и дека во целиот тек од кампањата, кога ветува 250 нови еко-автобуси, Арсовска промовира и рекламира еден од, како што велат, најскапите кинески електрични автобуси од 18 метри, од кинеската фирма BYD.
„Арсовска рекламира кинески автобуси, а Македонско-кинеска стопанска комора се наоѓа на иста адреса со организации и фирми поврзани со неа и нејзиниот татко“, посочуваат од СДСМ.
Врз основа на ваквите сознанија, од партијата ја повикуваат кандидатката за градоначалник да одговори на неколку прашања, за кои сметаат дека се во инерес на јавноста.
„Дали Арсовска била успешен или неуспешен менаџер на фирма за продажба на автобуси во 2008? Дали нејзиното рекламирање на електрични кинески автобуси во кампањата има врска со Македонско-кинеска стопанска комора, која е на иста адреса со нејзини приватни и семејни правни лица? До кога Арсовска ќе бега од новинари и ќе ги крие пипците на семејниот бизнис ‘октопод’, кој ја упропастил скопската сала „Расадник“ – изградена од град Скопје со пари на скопјани?“, прашуваат од градската организација на СДСМ.