СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани нема на бранот на еуфоријата да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа која ја освои на локалните избори. Државата е многу поважна од разулавеноста на Мицкоски и неговата желба за власт, порачуваат од партијата и додаваат дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.
„На граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има евроатлански курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес. СДСМ и коалицијата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат Договорот од Преспа, да нè втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да нè внесат во конфликт и внатрешна омраза и да поништат сѐ што постигнавме заедно во овие четири години“, се наведува во партиското соопштение во кое се додава и дека Мицкоски имал опасни планови за државата.
Од СДСМ посочуваат дека Мицкоски до само пред три дена лажел дека има ново мнозинство, а сега, како што велат, се гледа дека неговиоте најави биле нереални и нечесни кон граѓаните.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се повикуваат на изборните резултати, еве им ја математиката. Партиите од владината коалиција на советничките листи овие избори освоија над 419.180 гласови, што е за 19.090 повеќе од гласовите на партиите од опозицијата. Или изразено во освоени советнички мандати, СДСМ и владината коалиција имаат 664 советнички места, што е 61 повеќе од советничките места кои ги освоија ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата“, истакнуваат од СДСМ.