Австрија од полноќ воведува заклучување за невакцинираните

пред 3 години

Австрија од полноќ воведува строги ограничувања за движење и контакти на луѓето кои не се вакцинирани или не прележале Ковид-19, одлучи Владата.

„Со тешко срце одлучивме да го преземеме овој чекор“, рече австрискиот канцелар Александер Шаленберг по денешниот владин состанок.

Според одлуката, која има за цел да го намали брзиот пораст на бројот на заразени лица со ограничување на социјалните контакти, но и да убеди што поголем број жители да се вакцинираат, лицата кои не се вакцинирани или не прележале Ковид-19 можат да го напуштат станот само во исклучителни случаи како пазарање, посета на лекар или аптека и одење на работа.

Оваа мерка засега е ограничена на десет дена, а според владините податоци, истата ќе опфати околу два милиона австриски граѓани.

Шаленберг објасни дека седумдневната инциденца меѓу невакцинираните била над 1.700.

„Сега треба да се потрудиме да ја зголемиме срамно ниската стапка на вакцинација. Со стапката на вакцинација што ја имаме сега, никогаш нема да излеземе од магичниот круг“, посоли Шаленберг.

Тој најави дека мерката за заклучување ќе биде системски контролирана. Во Австрија во моментот 65 отсто од граѓаните се целосно вакцинирани.

За невакцинираните веќе важат строги правила кои го ограничуваат пристапот до угостителските, спортските и културните објекти.

Share
Scroll to Top