(Видео) Разгорување на нови судири помеѓу Ерменија и Азербејџан – Ереван бара помош од Москва

пред 3 години

Ерменија претрпе човечки жртви во борбите против Азербејџан, соопштија ерменските власти, кои изразија стравување од обновување на војната меѓу двете земји.

„ Во нападот на азербејџанските сили на ерменските позиции има мртви и ранети на ерменска страна“, соопшти Министерството за одбрана, додавајќи дека Ереван изгубил контрола и врз две воени позиции.

Министерството изјави дека Ерменија нанела значителни загуби во работна сила на азербејџанските сили и додаде дека борбите ќе продолжат и дека нивниот интензитет нема да се намалува.

Според Ереван, азербејџанските сили користат артилерија и оружје од различен калибар.

Судирите меѓу Азербејџан и Ерменија избија по неколкунеделна ескалација, предизвикувајќи стравувања дека ќе продолжи крвавата војна меѓу двете земји од минатата година за енклавата Нагорно-Карабах. Во тој шестнеделен конфликт есента 2020 година, имаше повеќе од 6.500 мртви. Конфликтот заврши со тежок пораз на Ерменија, која мораше да предаде неколку региони околу сепаратистичката енклава Нагорно Карабах.

Руски мировници беа распоредени таму во ноември 2020 година, како дел од примирјето со посредство на рускиот претседател Владимир Путин. Двете земји, исто така, водеа војна во 1990-тите за Карабах, кога Ереван победи.

Иако беше потпишано примирје и беа распоредени руски мировници, тензиите меѓу двете земји се високи. Двете страни редовно известуваат за избивање на насилство и смрт на војници.

По избувнувањето на конфликтот денеска, Ереван, која е членка на алијансата предводена од Русија, ја повика Москва на помош.

Share
Scroll to Top