Синдикатот на културата е против предложените ковид-мерки

пред 3 години

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), по извршените консултации со своето членство, се спротивставува на предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на вработените во јавниот сектор, локалната самоуправа и државните институции, каде при одење на работно место треба да прикажува потврда за примена вакцина или негативен ПЦР-тест направен на сопствен трошок.

„Како синдикат што се грижи за здравјето на своите вработени, ние не сме против вакцинирање. Сепак, сметаме дека вакцинирањето треба да биде личен избор. Препорака и сугестија за вакцинирање мора да има, но без условување и не по секоја цена. Вакцинирањето не смее да биде наметнато со мерки кои се косат со одредбите од Уставот и европската и светската конвенција за работнички права“, велат од синдикатот додавајќи дека условувањето за остварување на работниот процес, преку барање на сертификат или негативен ПЦР-тест, директно се коси со Уставот на државата.

Од таму исто така сметаат дека е неприфатливо трошокот на ПЦР-тестирањето да паѓа на вработените, особено поради фактот дека платите во културата кај поголемиот број вработени, како што велат, се движат во рамките под просекот, што би значело директен удар врз финасиската состојба на вработените.

По тој основ, СКРМ очекува дека мерките од страна на Владата ќе бидат повлечени или корегирани и дека Владата ќе донесе мерки кои нема, како што се вели, да се дискриминаторски и ќе се однесуваат на сите граѓани на државата.

Share
Scroll to Top