Денеска Христијан Мицкоски повторно промовираше проект оставен од претходните градоначалници од редовите на СДСМ. Проектот во Охрид на кој денеска Мицкоски како партиски лидер учествуваше е проект изработен од претходната општинска администрација предводена од Константин Георгиевски и СДСМ, со поддршка од Министерството за транспорт и врски, реагираат од СДСМ.
„Мицкоски со неговите увиди врши груба партизација на општините. Во кое својство Мицкоски врши увиди па дури и разговара со директори на Јавни претпријатија под надлежност на општините? Дали Државната комисија за спречување на корупцијата, ќе реагира за оваа злоупотреба или чека некој друг да поднесе претставка?“, прашуваат од владејачката партија.
Мицкоски со ваквите постапки, велат од таму, само докажува дека не е излезен од режимската матрица, од времето кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше и премиер и министер и градоначалник.
„Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски е само копија на неговиот ментор и криминалец во бегство, Никола Груевски“, се истакнува во писмената реакција од СДСМ.