Spotify истакнува во официјално соопштение дека функцијата за прикажување текстови во реално време е една од најбараните на платформата
Spotify уште минатата година на корисниците од одредени земји им ја понуди функцијата Lyrics, која овозможува прикажување на стиховите во реално време, но сега и официјално стана достапна за сите, па дури и за бесплатните корисници.
„Да го кажеме тоа јасно и едноставно: полесно е да се забавувате со омилената песна кога ги знаете нејзините зборови. Затоа, почнувајќи од денес, Spotify охрабрува милиони фанови ширум светот да пеат погласно и посигурно од кога било со лансирањето на функцијата Lyrics“, велат од Spotify.
Во официјалното соопштение се наведува дека стиховите за над осум милиони песни се обезбедени од италијанската компанија Musixmatch, а ќе бидат достапни на iOS, Android, десктоп, играчките конзоли и паметните телевизори, односно каде и да има Spotify своја апликација.
Нагласен е и фактот дека корисниците ќе можат да споделуваат стихови на социјалните мрежи, па лесно може да се претпостави дека длабоки и мотивирачки текстови почесто ќе ги красат Instagram профилите на популарните инфлуенсери.
Имено, како што пренесува The Verge, Spotify во соработка со Musixmatch понуди можност за прикажување на текстовите на песната во десктоп апликација, но тоа по една година се распадна, за жал на многу корисници. Оттогаш, благодарение на опцијата Behind the Lyrics, нуди подетални информации за поединечна песна, но не и за целиот нејзин текст.
Сепак, за да ја промовира својата нова функција Lyrics, Spotify потврди за Tech Crunch дека целосно ќе се ослободи од Behind the Lyrics, што може да разочара некои корисници, но компанијата веројатно се надева дека текстовите во реално време ќе бидат повеќе отколку доволна замена.