Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров како член на Националниот совет за европски интеграции при Собранието, денеска учествуваше на седницата на којашто во конструктивна атмосфера беа дискутирани наодите и препораките од Извештајот на Европската комисија за земјата во 2021 година.
Вицепремиерот Димитров истакна дека европските интеграции се процес што го обединува македонското општество.
„Една од ретките работи за кои што сите се согласуваме е токму европската интеграција и во овој процес гледам шанса за заедничка работа и обединување, особено тогаш кога ќе се отворат пристапните преговори ќе има шанса и позицијата и опозицијата да се мобилизираат во смисла на заедничко туркање, како што тоа го направија многу земји пред нас“, рече Димитров.
Во таа смисла, тој дополни дека како што произлегува и од наодите на Европската комисија, Северна Македонија е целосно подготвена за почеток на пристапни преговори и секое понатамошно одлагање дополнително го загрозува кредибилитетот на Европската Унија во целиот регион.
„Комисијата самата посочува дека Северна Македонија, мора веднаш да ги почне пристапните преговори бидејќи тоа е гео-стратешки приоритет и интерес на Унијата и дека секое понатамошно одлагање само дополнително го загрозува кредибилитетот на Европската Унија, и кај нас и во целиот регион. Со други зборови, граѓаните сé помалку им веруваат на декларациите и ветувањата на Европската Унија. Придвижувањето на процесот ќе биде потврда и дека пристапниот процес е процес кој подразбира проширување врз основа на критериумите за членство при што напредокот на секоја земја се мери според сопствените заслуги, а не со условувања и барања кои не се во линија, а често се спротивни на европските вредности – ако ЕУ е истовремено и заедница на вредности, а не само еден џиновски пазар“, нагласи Димитров.
Од аспект на напредокот, според него, имаме благо намалување на динамиката и средната оцена за истиот период изнесува 2,83, и очигледно е како што рече, дека ни треба поттик и почеток на пристапниот процес, што ќе влијае и на мотивацијата на службите, мотивацијата на државните службеници, и воопшто – ќе има потенцијал да ја смени комплетната политичка атмосфера во државава.
Меѓутоа, дури и овој Извештај, нагласи Димитров, покажува дека пристапниот процес не е магично стапче и нема да ни ги смени работите преку ноќ.
„Тоа што тоа се одложува, прави еден впечаток дека штом тоа се случи работите ќе се сменат преку ноќ, но тоа не е така. Работата дома апсолутно зависи само од нас. Контекстот е битен, перспективата е битна, ентузијазмот е битен меѓутоа оваа работа, организацијата на македонското општество дефинитивно зависи од нашето општество. И барем за оваа работа мислам дека имаме апсолутен консензус и од малите до големите политички чинители“, потенцира тој.
Коментарите на вицепремиерот Димитров наидоа на прифаќање од останатите членови на НСЕИ кои што едногласно порачаа дека крајно време е ЕУ да ги започне пристапните преговори за членство. На седницата присуствуваа и заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ – Џулијан Васало, и амбасадорот на Словенија – Милан Предан, како претставник на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.