ДОМ се приклучува на протестот: „Итно стопирање на градежните активности кај Холидеј Ин“

пред 3 години

Зелената партија ДОМ го поддржува и се приклучува на граѓанскиот протест пред Јавното обвинителство со цел стопирање на градежните активности на просторот кај Холидеј Ин.

Оттука апрелираат до Јавното обвинителство да се изјасни по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција, поради сомнеж за корупција и злоупотреба на службена должност во врска со изградбата на висококатници на овој простор.

„Во април оваа година, јавно ја повикавме општина Центар да го суспендира спорниот ДУП, за да се сопре бетонизацијата и уништувањето и на оваа слободна површина во центарот на Скопје. Да не дозволиме профитот на поединци да надвладее над јавниот интерес, за здрав и квалитетен живот на граѓаните“, велат од ДОМ.

Претходно денеска, во врска со најавениот протест на „Зелен Хуман Град“, се огласија жителите од Ново Маало кои повикаа во недостаток на било каков издржан аргумент и правен основ, да престане да се врши притисок на институциите како што е ОЈО, Општина Центар и Државната комисија за спречување корупција.

„Зелен Хуман Град и останатите лажни борци за екологија немаат апсолутно никакво право да одлучуваат во име на нашите имоти, ниту постои правен основ врз кој би можело да дојде до спречување на проектот. Во повикот за протест на ‘Зелен Хуман Град’ наведуваат дека бараат распишување на меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение, меѓутоа ние, жителите на Ново Маало уште еднаш порачуваме дека веќе проектираното решение од страна на инвеститорот гарантира урбано и зелено домување за сите новомаалчани, но и фер обесштетување на сите нас кои со години живееме во тотално нехумани услови за живот“, реагираа жителите од Ново Маало.

Share
Scroll to Top