САД поддржуваат заеднички прифатливи решенија меѓу Северна Македонија и Бугарија, му порача Ескобар на Заев

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев денеска го прими заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во прва работна посета на нашата земја.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев на средбата го запознал гостинот со актуелната политичка состојба, при што нагласил дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за активно учество на Северна Македонија во НАТО, за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, за справувањето со пандемијата, за економскиот раст и особено, како што рекол, за актуелното прашање за соодветен и ефикасен одговор на енергетската криза.

Заменик-помошникот на државниот секретар, Габриел Ескобар, кој на средбата бил придружуван од амбасадорката Кејт Мари Брнз, истакнал дека неговата посета на земјата има за цел да ја нагласи поддршката на САД, токму за овие прашања, како и за партнерскиот пристап што Република Северна Македонија го покажува со прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за активната улога за суштинско интензивирање на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“.

„На средбата беше истакната целосната поддршка на САД за изнаоѓање на заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија заради фактот што иднината на Северна Македонија е во ЕУ како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји кое што е во постојан развој“, се наведува во соопштението.

Share
Scroll to Top