Австралија од 10 јануари ќе почне со администрирање на вакцини против Ковид-19 на деца на возраст од 5 до 11 години, изјави аврстралискиот премиер Скот Морисон, откако воведувањето на вакцината ги помина последните регулаторни пречки.
„Оваа вест ќе биде поздравена од милиони семејства низ целата земја кои сакаат да ги вакцинираат своите деца“, рече Морисон.
По прегледот на клиничките податоци во Канада, советодавната група за вакцинација препорача осумнеделен интервал меѓу дозите, што може да биде скратаен на три недели доколку се влоши епидемиолошката ситуација.
Во почетна фаза ќе се инјектираат вакцините на „Фајзер“, додека регулаторите ја проценуваат ефикасноста на вакцината на Модерна во овој случај, а резултатите се очекуваат во наредните недели.
Одлуката доаѓа во време кога Австралија се обидува да ја забрза употребата на бустер дозата откако стана една од највакцинираните земји во светот, со ревакцинирано речиси 90 отсто од населението над 16 години. Околу 70 отсто од децата на возраст меѓу 12 и 15 години се целосно вакцинирани.
Властите ги повикуваат граѓаните да земат засилувачка доза поради загриженоста од новата, позаразна варијанта на коронавирусот, сојот омикрон.
Државата Нов Јужен Велс, која го вклучува најголемиот австралиски град Сиднеј, денеска објави 516 нови случаи на зараза, најголем пораст во последните два месеци.
Повеќето од нив се предизвикани од варијантата делта, но бројот на зараза со омикрон се зголемува откако Австралија го пријави својот прв случај пред околу две недели. Досега се откриени околу 50 случаи, повеќето во Сиднеј.
Австралија објави околу 225.000 случаи на зараза со ковид-19 и 2.084 смртни случаи од почетокот на пандемијата.