Министрите за надворешни работи на Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД) денеска предупредија на огромни последици за Русија доколку се започне нова воена агресија против Украина.
„Русија не треба да има дилема дека понатамошна воена агресија против Украина ќе има огромни последици и голема цена за возврат“, се вели во соопштението на министрите на Г7, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Американските разузнавачи проценуваат дека Русија следната година планира голема офанзива врз Украина на неколку фронтови, во која би биле вклучени околу 175.000 војници.
„Ја потврдуваме нашата безусловна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Секоја земја има право да одлучува за својата иднина“, соопштија од Г7.
Министрите на форумот ја посочија и Кина, велејќи дека се загрижени поради кинеската економска политика на принуда.
„Кога станува збор за Кина, разговаравме за голем број прашања и предизвици, како што се ситуацијата во Хонгконг и Синѓанг, Источното и Јужното Кинеско Море и важноста на мирот и стабилноста во Тајван“, изјави британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, која претседаваше со состанокот на Г7 во Ливерпул.