Градежните работи на последната делница од Три чешми до обиколница Штип се завршени, со што се комплетира изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш. Од денеска делницата Три чешми – обиколница Штип е пуштена за сообраќај за сите возила под времен режим.
Вкупната должина на овој патен правец изнесува 40 километри и се грaдеше во две фази и тоа првата фаза од Штип до Бучим која е во должина од 23,5 километри и вредност од 48 милиони евра, додека втората фаза, делницата Три Чешми до Штип – Југ и од Бучим до Радовиш е со должина од 17 километри и инвестиција од 14,9 милион евра.
„ Веќе најавив дека завршувањето на овој експресен пат се случува четири месеци пред рокот. Драго ми е што и во текот на овој месец декември се уште гледаме механизација на терен, се уште се асфалтира а тоа значи дека и капиталните инвестиции во државата растат. И вториот аспект што сакам да нагласам е дека се реконструира и асфалтира и помошниот пат на излезот од Штип за да го вратиме во првобитната состојба. На барање на жителите на Три чешми, одговоривме позитивно и заедно со тимот инжењери од ЈП за државни патишта, од Министерството и од Изведувачот и Надзорот веќе го градиме ислучувањето, така да имаме едно модерен и безбеден патен правец”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.