Ништо ново од Христијан Мицкоски, истите политикантски фрази, истите празни флоскули и неосновани обвинувања, велат од владејачката СДСМ.
Од таму го оценуваат како политички аматеризам барањето на Мицкоски за предвремени парламентарни избори, кога како што велат, парламентарното мнозинство е стабилно и течат роковите за формирање нова политичка Влада.
„Политички аматеризам и крајно несериозно е кога Мицкоски кој беше единствен кандидат на конгрес, човекот кој беше инсталиран во фотелјата во белиот дворец директно од Никола Груевски, денеска да обвинува некого дека е нечиј послушник. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, ништо ново не може да понуди Мицкоски кој е опкружен со стари добро познати лица. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ знаат само да работат против интересите на граѓаните, против интересите на државата“, е наведено во писмената реакција од оваа партија.
Тоа, како што потенцираат, се гледа во Собранието каде што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ според оценките на СДСМ, кочат и блокираат закони, се гледа како што истакнуваат и во општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ, каде според СДСМ, градоначалниците освен поништување на проекти, непотизам и партизација на администрација ништо друго и не работат.