Во време на пандемија најмногу бебиња и свршувачки, а Маленко се ожени по петти пат: 2021 беше година на љубов

Во време на пандемија најмногу бебиња и свршувачки, а Маленко се ожени по петти пат: 2021 беше година на љубов

пред 3 години

Во знакот на љубовта помина втората година во пандемија. За разлика од 2020, кога на јавната сцена имаше неколку свадби, а се провлече и по некој развод, минатата 2021 година ја одбележаа свршувачките, свадбите и многу бебиња.

Александар Маленко се ожени петти пат. Познатиот пливач направи свадба со инструкторката за пливање Метка Спаравец. Тие направија мала свадба со најблиските, а потоа се преселија во Словенија, каде што е родена Метка.

Хрватскиот репрезентативец и поранешен ракометар на „Вардар“, Игор Карачиќ, се ожени со архитектката Душица Андоновска. Свадбата беше во Мостар, од каде е Игор, во кругот на најблиските роднини и пријатели. На свадбата тие го прославија и роденденот на Душица. Игор носеше костим и патики, а невестата избра секси венчаница.

Водителот на „Дај побрзај“ Марко Новески се ожени со својата девојка Цена Плавевска. Тие склучија граѓански брак. Марко носеше старки, а невестата избра бело-жолта сукња наместо венчаница.

 И поранешниот водител Гоце Андреевски направи свадба. Тој се ожени со Даниела. Двојката се сврши лани во Охрид, а свадбата ја одложија поради пандемијата.

Откако лани склучија граѓански брак, Маријан Стојаноски и неговата сопруга Наташа годинава се венчаа во црква и направија голема свадба во Крушево. На свадбата  тие открија дека Наташа е бремена вторпат. Таа се породи во ноември, и го роди синот Петар. Двојката ја има и ќерката Вероника која неодамна наполни една година.

Годината помина во знакот на свадбите на спортистите. Пред Нова година се ожени репрезентативецот Дарко Велковски, кој направи интимна свадба со својата девојка Тамара Чуприна. Пред неколку месеци се ожени и голманот на „Арсенал“, Дејан Илиев со својата девојка Нина Стојменовиќ. И фудбалерот Висар Муслиу се ожени со девојката Валбона. Свадба направи и поранешната ракометарка Наташа Коцевска.

Пред Прочка се венчаа поранешната манекенка Дунавка Трифуновска и ексдиректорот на финансова полиција, Ване Цветанов. Тие постојано велеа дека се сродни души, но по пет месеци најавија дека се разведуваат. Веста дека не се заедно ја објави Ване, кој преку Фејсбук напиша дека двајцата решиле да се разделат и на Дунавка ѝ посака среќа за понатаму. Дунавка тогаш го нарече мамин син, а еден месец потоа заедно беа во Охрид и оттогаш не кажаа дали се заедно или ќе се разведат.

Со зурли и тапани, по македонски адети се ожени шеф Марк од „Брза кујна“. Популарниот белгиски готвач Марк де Јонг, направи свадба во Скопје со неговата долгогодишна девојка Василка Димовска.

Имаше свадби и меѓу политичарите. Нога повлече Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ кој во март се ожени со Соња. Тие на Петровден станаа родители, и добија син. Свадба направи и организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Попов со Ангела Трајковска. Покрај најблиски пријатели, роднини, на свадбата дојде и цел политички врв од СДСМ па и тогашниот претседател, Зоран Заев.

По долги години желба да стане мајка, фолк-пејачката Татијана Стефановска ја роди ќерката Ана. Пејачката потоа откри дека таа и нејзиниот маж Митко Бежановски долги години се обидувале да станат родители.

Четврто дете доби фолк-пејачот Ѓоко Јовиќ. Неговата сопруга Ивана роди син, кој е трето машко дете во семејството. Ѓоко и Ивана ги имаат и ќерката Теодора и синовите Михаил и Јован. И бизнисменот и директор на ФОН, Сефер Цаноски, четврти пат стана татко. Неговата сопруга Сезан го роди нивното второ дете. Тој има и две деца од првиот брак со Лејла Рамковска.

Третпат татко стана актерот Кирил Трајковски – Максим, познат како Марлон Брандо. Тој убавите вести ги сподели со пријателите и напиша дека добил син на еден од најголемите христијански празници Воведението на Пресвета богородица. Кирил е во брак со Ирина Донческа со која веќе имаат две ќерки, Дениција и Дарја.

Маја Оџаклиевска стана баба, а нејзината помала ќерка Андреа роди син. Дека станале дедовци се пофалија претседателот на Собрание Талат Џафрери, фолк-пејачот Ефто Пупиновски и познатиот радио-водител Драган Б. Костиќ

Годинава мајка стана и Туна, која веднаш објави фотки од породувањето. Таа кажа дека родила син, Зен, и дека породувањето поминало во најдобар ред. Туна и нејзиниот партнер Патрис Бериша го имаат и синот Тијан, кој има четири години.

Мајка стана и Јована од „Фчерашни“, а за бебето Илин рече дека ѝ е најголема радост. Името на бебето е желба на Јована и на нејзиниот сопруг Предраг со кого една година е во брак.

Пејачката и дерматолог Симона Поповска стана мајка. Таа и нејзиниот сопруг, Кристијан Сињори, добија син. Ова е прво дете на двојката што се венча 2018 година.

Ќерки родија и актерката Ирена Илиевска и водителката Александра од „Брза кујна“. Ирена девојчето го крсти Ева, а Александра за својата ќерка го избра името Сара.

Глумецот Атанас Атанасовски стана татко, а на ќерката ѝ даде уникатно име, Една. Желбата за името била на Александра која се породи со царски рез во приватна болница. Ова е второ дете на Атнас, кој го има и синот Павле.

Татковци станаа и музичарите од групата „Маестро“, виолинистот Илија Филиповски и хармоникашот Војче Петрушев. Илија Филиповски и неговата сопруга Анастасија добија син кој ќе се вика Марко, а Војче и сопругата Моника ја добија ќерката Миа.

Татковци годинава станаа и капитенот на одбојкарската репрезентација Никола Ѓорѓиев, шеф Никола од „Брза кујна“ и фолк-пејачот Влатко Миладиновски.

Но, годината што измина беше најмногу во знакот на свршувачките.

Пејачката Марија Груевска, која беше една од омилените ѕвезди во „Гранд“ откри дека ќе се мажи, а дека нејзиниот дечко ја побарал за жена. И Мими од Велес, која стана позната по учеството во „Гранд“ се сврши со своето момче Филип. Од пејачите во „Гранд“ се свршија и пејачите Јасмин Алиевски и Стефан Величковски. Стефан на Босфор ја побара за жена водителката Ана Николовска. „Моето најубаво добро утро и најубавата добра ноќ, те сакам бесконечно“, напиша Величковски кој ја побара Ана за жена во Истанбул.

Пејачот Давид Темелков ја запроси својата девојка Хелена на концерт во Нова Градишка. Тој ќе се жени со познатата водителка во Хрватска и поранешна Мис, Хелена ЈунгДавид и Елена се во врска неколкy години, а се запознаа во 2015 година на концерт на Тони Цетински.

Дека ќе се мажи, откри и актерката Симона Живковска, Македонката што глумеше со Скарлет Јохансон во филмот „Црната вдовица“.

Share
Scroll to Top