Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на денешната прес-конференција истакна дека Зоран Заев како премиер на Република Македонија управувал и го контролирал судството и обвинителството.
Според Арсовски, Зоран Заев бил на чело на рекет пирамидата, која, како што рече, трета година веќе се обидува да ја покрие, но залудно.
„Зоран Заев давал насоки за чиј пасош да врати Катица Јанева. Ова не се тврдења на ВМРО-ДПМНЕ, туку СВЕДОШТВА и тврдења на таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски. И после 2 години, случајот „Рекет“ ја бранува јавноста и тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ од пред 2 години се повеќе излегуваат на површина како точни и вистинити. И тогаш и сега, ние и јавноста сме убедени дека главата на рекетот е лично Зоран Заев. Ова се повеќе излегува на површина после сведочењата преку писмата испратени од Бојан Јовановски, како и сведочењата во интервјуто на неговиот татко Миле Јовановски, инаку двајцата обвинети во случајот “Меѓународен сојуз”, како што велат обвинети за да се заштити Зоран Заев од сопствениот криминал“, потенцира Арсовски.
Јавноста, вели тој, следејќи го интервјуто на таткото на Бојан Јовановски, може многу лесно да заклучи дека Зоран Заев е тој што е вмешан во целиот процес.
„И дека тој барал враќање пасоши кај Катица Јанева, односно дека најверојатно свесно покренувале обвиненија за одредени луѓе, за да подоцна да можат од нив да изнудат одредени материјални работи, во случајов милиони и да тргуваат со влијание. Тоа се видело и по одредени комуникации помеѓу Заев и Катица Јанева, за која обвинителството се уште молчи, а тоа беше јавно кажано во интервјуто. Неколку пати јавноста можеше да чуе од интервјуто како фунцкионира правосудството во Република Македонија, каде што лично Зоран Заев бил вмешан и одлучувал и контролирал во судските постапки, командувајќи ги правосудните органи како да одлучуваат. Неговите раце биле директно врз правосудството“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Уште една интересна работа е што ја занемарува и обвинителството, како што појасни Арсовски е дека Зоран Заев знаел однапред за рекетот кој бил пријавуван, а молчел и прв пат за рекетот разговарал во април месец после негово интервју. Тоа, според него, јасно покажува дека Заев бил запознаен со целиот рекет, а јавноста за рекетот дознала после неколку месеци, каде што бил вмешан заедно со неговиот брат.
„За да бил мафијашкиот филм на власта уште поголем, се заканувале дека ќе убиваат луѓе од обвинетите за да не ја говорат јавно вистината. Дали обвинителството конечно ќе отвори случај и за Зоран Заев и за брат му, за да конечно излезе вистината на виделина? До кога обвинителството ќе ги штити главните виновници во случајот „Рекет“ кои што практично се главата на октоподот наречен Рекет?“, прашува Арсовски.
Ова е случај кој, како што смета, останал правно нерасчистен затоа што главните рекетари не се на обвинителната клупа, а јавноста веќе го има впечатокот кои се тие, додаде Арсовски.