Не постои сегмент во енергетиката кој СДСМ не го уништи, обвини денеска Стевче Антовски, член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој кажа дека вонредно е зголемена цената на струјата за 9,5%, укината е дневната евтина тарифа за домаќинствата, а компаниите кои набавуваат струја на слободниот пазар каде струјата е 5 до 6 пати поскапа, како што рече Антовски, се оставени сами на себе.
„Го поскапеа парното за 14%. А, во најголем дел од градот или воопшто не греат или пак не се постигнува доволно загревање. Компаниите кои го користат природниот гас како енергенс, поради енормниот пораст на цената на гасот, имаат огромни финансиски проблеми. Поскапе и метанот за 120%, што доведува до тешкотии во работењето на ЈСП во Скопје, чии автобуси користат метан“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што кажа Антовски, од СДСМ мора да престанат да ја лажат македонската јавност дека имаме доволно сопствено производство на струја.
„Зошто ако е така, Владата носи одлуки за префрлање на пари од Буџетот на сметката на ЕЛЕМ за увоз на електрична енергија? Наместо увоз на скапа струја, требаше да се погрижат за нашите рудници и да отворат нови со кои ќе имаме сопствен јаглен, требаше да отвораат нови инвестиции и нови работни места, за да имавме сега струја со ниска цена од сопствен јаглен“, нагласи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.