Општините бараат Владата да донесе план за нивно субвенционирање, откако Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) на денешната седница заклучи дека локалните самоуправи се соочени со наследени долгови, големо задолжување и зголемени трошоци.
На втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС чија претседателка е градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, акцентот бил ставен на проблемите поврзани со набавка на електричната енергија, со која се соочуваат општините и изнаоѓање на решение за настанатите проблеми.
„ЗЕЛС бара Владата да донесе итен план за помош на општините за време на енергетската криза. Општините имаат сериозни финансиски проблеми и потребна е итна реакција на Владата со јасен план за помош на единиците на локалната самоуправа“, посочува Арсовска.
Таа додава дека зголемувањето на цената на електричната енергија и цените на природниот гас дополнително ја компликуваат крајно сериозната ситуација во којашто се наоѓаат општините.
„Со сегашната состојба и нискиот степен на децентрализација, општините немаат финансиска независност. ЗЕЛС ќе бара измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со цел да се подобри фискалниот капацитет и да се зголемат приходите на општините преку сериозно зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, од кои во овој момент многу мал процент оди во локалната самоуправа“, нагласува Арсковска.
Како дополнителен проблем таа го наведува и едностраното раскинување на договорите од страна на снабдувачите со електрична енергија, со што сметките за електрична енергија, како што рекла, се зголемени и за повеќе од пет пати.






