Без да одговори на кого му пречел во Владата, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, им посочи на новинарите за тоа го прашаат идниот премиер, а можеби и стариот премиер.
Според него, тој не е дел од новата Влада поради разликите во позициите во преговорите со Бугарија и принципиелноста за определени прашања.
Димитров посочи дека мандатарот и иден премиер, Димитар Ковачевски не може да ја оцени неговата работа, бидејќи нема знаење во надворешната политика.
„Мене идниот премиер никогаш не ми бил шеф. И не сум сигурен дека бил во позиција да ја следи мојата работа и да биде во тек со сите напори кои ги имам направено во изминатиот период. Тој нема искуство и знаење во делот на надворешната политика. Наш општ шеф е народот и тој ја дава својата оценка на избори. Јас бев еднаш на избори како носител на листа и победив. Ќе има други избори, можеби ќе бидам дел од нив и таа оценка ќе ја чекам. Меѓутоа, би рекол, непристојно е да се зборува за резултати од мојата работа во последниве четири години и седум месеци, кога сите знаеме дека најголемите успеси беа во областа на надворешната политика. Јас и во поголемиот дел од тие четири години и седум месеци како министер за надворешни работи и како вицепремиер за европски прашања од 1 година и четири месеци вклучен во европската дипломатија, го имав главниот збор токму во оваа област“, додаде Димитров.
Тој не кажа какво мислење има за наследниот на неговата функција: „На Бојан Маричиќ му посакувам успех и ќе го следам особено во овој дел што го споменав, ќе биде важно да се држи правецот, да се држат позициите, бидејќи без достоинствено решение овој проблем не може да се реши“.
Претходно, Ковачевски од Собранието посочи дека во Владата останале само тие кои имале капацитет, ги подигнале стандардите, имаат остварено инвестиции, ги исполниле обврските. Меѓу функционерите, не е Димитров. Тој посочи дека имал понуда да биде амбасадор, но одбил бидејќи одбрал да биде гласен.