Одлуката за евакуација на дипломатите и членовите на нивните семејства од Украина, која во понеделникот ја соопштија повеќе земји, е прерана, оцени денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.
– Имаме 129 дипломатски претставништва на територијата на Украина. Четири мисии соопштија дека почнале да ги евакуираат своите дипломати од безбедносни причини. Останатите изјавија дека не гледаат причини за евакуација, и дека ќе продолжат да работат со целиот персонал, вклучувајќи ги и членовите на семејствата на дипломатите – изјави Кулеба за украинската ICTV, пренесе руската агенција ТАСС.
Сепак, тој додаде дека смета оти одлуката за евакуација била прерана.
– Немаше суштински, практични причини за тоа. Не сакам да ја минимизирам ситуацијата или нивото на закана, но се треба да биде добро осмислено и навреме направено – изјави Кулеба.
Секретарот на Украинскиот совет за национална безбедност и одбрана Алексеј Данилов вчера изјави дека амбасадите на Австралија, Обединетото Кралство и САД најавиле евакуација на нивниот дипломатски персонал од Украина.
Според ТАСС, Западот и Киев неодамна шират тврдења за наводна руска потенцијална инвазија на Украина, што портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги опиша како „празни и неосновани“ тврдења кои имаат за цел да придонесат за ескалација на тензиите.