Кривични за градоначалникот Пецаков и секретарот Китески, место да се изолираат отишле на прославата на Водици

пред 3 години

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој по тестирањето за Ковид-19 не се самоизолирал додека го чекал резултатот туку се појави на прославата на Водици.

Од МВР велат дека кривичната пријава до Обвинителство е поднесена денеска.

„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ’непостапување според здравствените прописи за време на епидемија’, СВР Охрид до надлежното Обвинителство поднесе кривична пријава против К.П.(37) и А.К.(37), двајцата од Охрид.

Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на коронавирус и наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник Богојавление – Водици одржана во Охрид“, соопштија од МВР.

Градоначалникот Кирил Пецаков веќе изјави дека не се изолирал оти се тестирал за зимување во Банско, Бугарија, а по два дена го повторил тестот и добил негативен резултат, но и покрај тоа го почитувал добиеното решение за изолација и не заминал на зимување.

Секретарот Александар Китески, пак, кој се тестирал заедно со градоначалникот и тој добил позитивен резултат, а подоцна и негативен, изјави дека се сомнева дека некој им ги подметнал позитивните тестови.