Уметницата Анжелика Колева пред неколку месеци направи операција и ги отстрани двете гради, откако на рутинска контрола открила дека има рак на дојката. Таа во разговор за „Репортер“ раскажа дека по првото породување ѝ се појавиле цисти кои не се опасни, но редовно ги проверувала. Така и овој пат, дома направила самопреглед па почувствувала дека цистата е полна. Ова бил аларм да закаже преглед кај својата докторка и да ја извади течноста која ѝ пречела.
„Дознав дека имам рак кога отидов на рутинска контрола. Мојата докторка, Елизабета Бабушку, ми рече прво да направам мамографија со која го откривме туморот. Беше под полната циста и не можев самата да го приметам со самопреглед, иако постојано го правев тоа. Таа ми го продолжи животот и додека дишам ќе ѝ бидам благодарна. Кога ги донесов резултатите од мамографијата, по нејзиниот лик сфатив дека нешто не е во ред. Направив и биопсија за да откриеме дали е малигно. Кога излегов од клиниката, седнав во кола за да одам дома. Ни сега не знам како стигнав и како возев. Се јавив на сопругот и децата и заплакав кога видов дека сите ме чекаат на вратата од нашиот дом. Не можев да се воздржам, сакам да ги поштедам од вакви ситуации, но тоа е невозможно“, ја почна Анжелика својата приказна.
Таа за два дена ги добила резултатите кои потврдиле дека туморот е малиген и мора да се оперира. Не сакала да бара второ мислење, туку со нејзината лекарка се договориле веднаш да ги извади двете гради, а потоа да оди на хемотерапија. Иако не било лесно да се издржи сето тоа, Анжелика е свесна дека хемотерапијата ќе ѝ помогне да ја победи болеста која ја откри во раната фаза.
„Сè се случи во една недела. Кога отидов кај д-р Андреја Арсовски, веќе бев решена да направам комплетна мастектомија. Иако можеше да се извади само дел, решивме тоа да биде радикално. Инсистирав да се исчисти и другата, здрава града. Нека биде сè во ред, па ќе има и реконструкција. Сега сè е достапно“, ни кажа во разговорот за „Репортер“.
На прашањето, како се чувствуваше кога првпат си го виде телото во огледало по операцијата, вели: „Во болница бев само четири дена. Таму бев со завои и, искрено, се прашував како ќе реагирам кога ќе ги тргнат завоите. Се изненадив колку бев спремна за тоа. Тие денови ми прелетуваа мисли што си ги повторував цело време: ‘Океј е Анжелика, го фрли тоа ѓубре што не требаше да биде таму, сега си чиста и одиме понатаму. Сè можеш да решиш, само главата нека ти остане на раменици’. И сега храбро се соочувам со глетката во огледало. Па тоа сум јас. Тие лузни ме научија да се сакам себеси и да се прифатам ваква. Да го посакувам животот повеќе. Да бидам уште посилна“.
Првиот месец по операцијата Колева мирувала дома, а потоа почнала со хемотерапии. Лекарите за почеток ѝ одредиле шест третмани. Терапиите ги поминувала лесно, па затоа во ниеден момент не престана да слика.
„И сега на моменти се чувствувам како успорена поради нив, но се прилагодувам. Цело ова време цртам, пишувам, медитирам, пешачам, и тоа многу ми помага. Секој месец правам детокс на организмот. Го сменив и начинот на исхрана и навистина се чувствувам убаво, ослободено“, вели таа.
Па, третманите иако ги поминала лесно, ноќите често ѝ биле мачни. Ѝ се слошувало среде спиење, ја болеле коските, а на моменти се чувствувала како да се распаѓа.
„Не дозволив да ме легнат болките. Кога го прашав мојот онколог Илир Исмаили што да правам со болките, тој ми рече дека ќе боли и понатаму, но тоа значи дека сум жива и дека терапиите делуваат. А јас му верувам и верувам дека сè ќе помине. Не е лесно, но најважна е психата и позитивната мисла. По третата терапија почна да ми паѓа косата. Не сакав да гледам прамени насекаде, па му реков на сопругот да ја земе машинката и да ме истриже. Ни тоа не ми падна тешко. Не знам како се чувствуваше тој, но сепак го стори тоа. Цел живот носам шапки, шешири, марами, турбани на глава, па и тој стил ни беше нешто ново. Не се срамев да шетам без коса, но почна летото и морав да се заштитувам. Веѓите ги цртав, уметник сум нели, трепки си ставав и во ниеден момент не почувствував негативност“, ни раскажа Анжелика.
Таа верува дека ракот е само состојба што ќе помине и тоа ја тера постојано да се смее и да е позитивна. Силата ја наоѓа во најблиските и верува дека има уште многу за што вреди да живее.
„Го сакам животот, колку и да е лош и неправеден кон мене, а ова не е крај на мојата мисија. Нормално е и да не ти е добро на моменти, па научив да плачам кога ми се плаче, да не чувам во себе. Кога ќе ме фати криза си ги повторувам зборовите што ми ги кажа мојот помал син ден пред операцијата, ден во кој почина наш драг пријател: ‘Мамо, ти имаш можност да се бориш, на некој таа можност не му е дадена’. Секојдневно си го повторувам ова. Секој ден е борба и треба да сме благодарни секое утро што се будиме. Блиските не ме поштедуваат и се однесуваат со мене како ништо да не се случило. И јас сум им благодарна за тоа. Болеста ми кажа што требаше да ми каже, прифатив и сега не ми треба. Ме научи дека треба да се менувам. И сега дишам со полни гради“, рече Анжелика и призна дека сликањето, со кое се бави долги години и сега ѝ е најдобрата терапија.
„Уметноста отсекогаш ми била терапија. Сите мои емоции се разлеани по платната. Не би можела без неа. А и не сакам. Ракот ме научи и тоа да кажувам: ‘Не сакам и ништо не морам’,“ ни кажа Анжелика.
Освен сликањето, терапија ѝ се и разговорите со жени кои веќе поминале низ истата голгота како неа. Вели, со многу од нив разговара и разменува искуства.
„Се советуваме и секоја од нив ми е посебно драга. Многу нè има, ама многу. И на ниедна рози не ѝ цветале, но по ракот, верувам дека самоосвестувањето делува кај секоја од нас. Затоа, за жените што се борат со тумор на дојката, па и секој друг вид на тумор, имам само еден совет: Да прават се што љубат, се што ќе ги прави да бидат среќни, да го живеат животот, да сфатат дека се умира и од други болести за миг, да говорат гласно за својата состојба, да се сакаат себеси, да побараат помош ако им треба, да не се затвораат во себе“.
Андријана Јовановска