„Македонските Бугари се борат за еднаквост, која е загарантирана во нивниот устав. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот во државата. Ова е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги искажуваат луѓето со кои се среќава претседателот Пендаровски“, ова го изјавил бугарскиот претседател Румен Радев, пренесува бугарскиот медиум БГНЕС.
„Секоја избрзана постапка на бугарската влада, секој позитивен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна. Посетата на бугарскиот премиер на Северна Македонија беше избрзана“, додал Радев.
„Бугарската дипломатија мора целосно да го искористи својот професионален капацитет, да не верува во надворешната експертиза, на невладините организации и да не подлегнува на надворешниот притисок“, нагласил бугарскиот претседател.
Бугарија, според него е секогаш отворена за дијалог.
„Бугарија цело време иницираше дијалог. Кога политичарите на РСМ ги обиколија европските метрополи, ја избегнуваа Софија, но мило ми е што овој дијалог почнува да се случува. Во контакт сме со претседателот Пендаровски. Ќе бараме соодветен момент за средба на високо ниво, се разбира, зависи и од неговите постапки“, додал Радев, пренесува БГНЕС.