Вељаноски и Рашковски ќе се бранат од слобода – Апелација им ги укина притворите

пред 3 години

Експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски од вчера се брани од слобода, а заедно со него и Драги Рашковски, ексгенерален секратар на Влада. Двајцата беа во куќен притвор, но судиите од Апелација сметаат дека нема да избегаат ниту да влијаат на сведоци доколку се ослободат.

Различно е само тоа што Вељаноски е ослободен без гаранција, додека Рашковски за излегувањето од куќен притвор понудил пари и имот. Единствена мерка која ја имаат двајцата им се одземените пасоши односно забрана за напуштање на државата.

Рашковски во куќен притвор помина осум месеци. Од отпочнување на истрагата до овој момент, судиите сметаа дека тој може да влијае на сведоци и да избега, па затоа и му беше определена оваа мерка.

Тој два месеца издржуваше и притвор во затворот „Скопје“ во Шутка. Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот. Судењата против него започнаа.

И Вељаноски кој е осуден во случајот „Организатори на 27 април“ беше седум месеци во куќен притвор. Мерката ја одреди судот веднаш откако му беа досудени 6,5 години затвор. Тогаш, обвинителката Гордана Смаќоска сметаше дека тој може да избега, па поради тоа и кажа дека е неопходно да биде во куќен притвор. За овој случај, одлучува Апелација.