Поврзување на Струмица на интерконекторот со гас кај Петрич, Република Бугарија, е еден од приоритетите на кој разговараме на работните групи со колегите од Бугарија. На ова прашање ќе му дадеме посебно значење и во следниот период ќе ги утврдиме сите детали за овој проект, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната работна посета на Струмица.
„Тоа ќе овоможи поевтин гас за општината која има развиено мрежа од околу 40 километри, но и за целата индустрија во градот“, потенцираше министерот Бочварски.
Тој заедно со градоначалникот на општината Костадин Костадинов извршија увид во изградба на канализационен систем во населеното место Банско, каде преку буџетот на Министерството се вложува 42 милиони денари. Проектот опфаќа изградба на 15 километри канализациона мрежа и според договорот се очекува да се заврши до средината на оваа година.
„Сакам да најавам дека оваа пролет започнуваме со изградба на фекален и атмосферски канализационен систем и за населеното место Градско Балдовци, со што решаваме уште едно многу значајно прашање за општина Струмица. Како Влада силно сме посветени и во модернизација на патната мрежа кон Југоисточниот регион. До сега инвестиравме преку 70 милиони евра во изградба и рехабилитација на патиштата во овој дел од државата. Исто така сакам да најавам дека оваа година планираме дека го рехабилитираме патниот правец Струмица – Дабиле, за што ќе инвестираме речиси 100 милиони денари”, изјави Бочварски.
Најави изградба на експресен пат од Струмица преку Валанадово до Гевгелија, проект за кој документацијата е во завршна фаза.
Костадинов оценува дека со реализацијта на овој проект ќе се создадат услови за подобар живот на жителите на Банско.